Навистина, помислувам во моментов… ЖИВОТОТ игра многу нечисто со нас понекогаш… Ќе ни даде сламка за надеж, ќе ни дозволи да се порадуваме во дел од секундата, а потоа ќе одигра некоја финта и ќе не пушти да треснеме на земјата, ќе не…

Навистина, помислувам во моментов… ЖИВОТОТ игра многу нечисто со нас понекогаш… Ќе ни даде сламка за надеж, ќе ни дозволи да се порадуваме во дел од секундата, а потоа ќе одигра некоја финта и ќе не пушти да треснеме на земјата, ќе не шашардиса, ќе не сотре!!! Тој не познава фер – плеј игра, напротив просто обожава да прави дупли чекори и престапи, без притоа да не може никој жив да го казни… И се така во недоглед – како да сека да ти каже: ајде де, само ти радувај се и прави си мозочни екскурзии, едвај чекам да ти тргне работата… и кога не ми се надеваш, ќе ти ги растурам кулите од песок, само со еден потег те носам во шах – мат позиција, а ти ако можеш НАДМУДРИ МЕ! И онака однапред знаеш кој е лузерот… Ги среќавам секојдневно… луѓето марионети на ЖИВОТОТ, заморчињата врз кои тој си врши некои налудничави експерименти… шетаат околу нас пионите кои на таблата што се вика ” ПОСТОЈАМ ” може да одат само еден чекор право и СТОП!!! Правилата се однапред определени, а единствениот кој може да ги менува е токму неговото величество, виртуозот на илузијата, мајсторот на уништените соништа – ” ЖИВОТОТ ЛИЧНО И ПЕРСОНАЛНО ” !!!

 

… И ЈАС припаѓам во целата таа лудница, еве тука сум и си ја играм кротко улогата што некој ми ја дал, на моменти залетувајќи се да скокнам повисоко, а веднаш потоа паѓајќи пониско од што сум бил… Ако некаде постои книга на рекорден број сопки што ЖИВОТОТ му ги ставил на патот некому, доброволно еве се пријавувам да бидам еден од носителите на почесната титула ” БАКСУЗ НА ВЕКОТ ” … Сега, не дека нама да имам огромна конкуренција, ама сепак.. тука сум некаде, меѓу првопласираните што ја чекаат својата слава… Знам, нема да се согласите со мене, велат дека секому сопствената планина некому му тежи на плеќите… па споредени со вашите, моите ви изгледаат како детска играчка… НИЕ луѓето сакаме да мислиме дека она што не снајдува во ЖИВОТОТ не сме го заслужиле, оти сме биле добри, љубезни, добродушни… Не сме го истерале гладниот од нашата врата, сме ги почитувале нормите и правилата, сме заслужиле нешто подобро од ова секојдневно мачење и неправди… И, додека ги бараме причините за неуспехот, го трошиме неповратно и она малку време што ни останало да проживееме онака како што само НИЕ сме си одбрале…

Ќе ви откријам нешто што досега не сум го кажал… Не сум спиел безброј ноќи, правејќи планови за иднината, ама мојот ЖИВОТ ми ги измеша толку безобразно картите, што сега не знам што е десетка срце, а што дама лист… Не е фер… Навистина, не е фер што имам толку многу таленти, а овде во сопствениот град како да немам ни еден, оти кому воопшто му требаат ЛУЃЕ СО ДАРБА НА НЕШТО? Не е фер што ме малтретираат неколку персони со вишок на негативна енергија и желба за уништување, наместо да ми се тргнат од патот како погрешно поставен знак СТОП… Ги потрошив сите пари на нешто што требаше да биде моја сигурност во староста, а некои алчни кретени најдоа дупки во законот и го присвоија… НЕ Е ФЕР!!! Сигурно, се најдовте некаде и себеси во морето проблеми кои што ги спомнав, па ви падна расположението како зрело јаболко од гранката… Трпеливост, молам !!!

Dejan Bogeski

Од ова место јавно му се обраќам на мојот, но и на вашите животи шегобијци: Битката е загубена , но војната салам уште не ни почнала!… Троши си ја ти ЖИВОТЕ најдобрата муниција во првите напади, смеј ни се славодобитно, вади ги своите асови од ракавот… Но, кога мракот ќе падне и ти ќе седнеш под некоја ладна сенка да си починеш малку… доаѓаат нашите долги пет минути… Ќе те фатиме на препад, ќе ти ја растуриме сметката и дури тогаш ќе сватиш со кого си имаш работа… Па не сме ние од вчера… знаеме кога е време за противнапад, ама си ја чуваме муницијата за тогаш кога твоите војници на лошотилакот ќе се изморат до бесвест… А, тогаш нема да цимолиме и да бараме трошка СРЕЌА од тебе, ЖИВОТЕ НАШ СЛАДОК… туку едноставно ќе ти НАРЕДИМЕ да престанеш со глупостите и да играш по нашите ПРАВИЛА…
И, знаеш што?
Едвај го чекам моментот кога и ТИ еднаш резигнирано ќе не погледнеш и ќе зацвилиш:
… АМАН, ЛУЃЕ… МЕ СОТРЕВТЕ ВЕЌЕ! Е, ПА СТВАРНО НЕ СТЕ ФЕР !!!

~ Дејан Б.Богески ~


{fcomment}

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *