Таа вечер се обидував да не мислам. Се обидував да се насмеам. Се обидував да се потсетам дека не ми требаш, дека не те сакам, дека не ми значиш. Посакував да е така. Баш онака како што ми кажа еднаш. “Посакувам да не ми значиш, посакувам да ми е гајле за тебе…“. Се чувствував чудно. Како некоја тапа тешка болка во градите. Како да ме гуши. Но, не можев да плачам. Со сета сила со саати се…
Таа вечер се обидував да не мислам. Се обидував да се насмеам. Се обидував да се потсетам дека не ми требаш, дека не те сакам, дека не ми значиш. Посакував да е така. Баш онака како што ми кажа еднаш. “Посакувам да не ми значиш, посакувам да ми е гајле за тебе…“. Се чувствував чудно. Како некоја тапа тешка болка во градите. Како да ме гуши. Но, не можев да плачам. Со сета сила со саати се обидував да заплачам, се надевав дека ќе ми биде полесно ако се исплачам. Ама солзиве не сакаа да потечат. Се плашев дека нема да можам да се испразнам. Дека ќе останам ваква. Засекогаш. “Млада си” – ќе ми речеше да беше тука. Но не си. “Ќе дојдат уште многу. Не сум само јас.” – ќе ми речеше да беше тука. Но ти не си тука.
Ноќите кога плачев барем ми носеа сончеви утра, барем ми носеа утра кога ќе го слушнев твојот глас. Сега знам дека нема да се јавиш. Нема да се јавиш и да се преправаш како ништо да не се случило. Нема да ме налутиш, а потоа да ме прегрнеш…
А, затоа ли солзиве не сакаат да течат? А затоа ли срцево ме стега? Се чувствувам преполно, а сепак празно. И некоја вештачка насмевка ми е окончана како некој пластичен израз. Некоја заштитна маска. Барем да ми ја оставеше онаа ноќ да ми беше последна. Онаа ноќ кога ти кажав дека сакам никогаш да не заборавам. Барем да ме оставеше тогаш засекогаш. Барем да ме оставеше вчера, барем да ме оставеше утре. Барем да ме оставеше било која ноќ, само не оваа. Само не оваа. Ќе плачев цела ноќ. Ќе плачев и наредниот ден. И тој после него. Но, барем ќе бев празна по некое време. Барем ќе можев да почнам одново. Барем да ми кажеше дека ти значам. Барем да ме погледнеше еднаш онака како што цел живот ќе паметам. Да ме погледнеше онака како што водеше љубов со мене, како да сум твоја. На оној начин – полн со емоции и да ме прашаше повторно: “А, оваa има ли емоции во себе?” И потоа да заминеше.
Барем да можев да плачам. Посакувам да плачам. Да викам. Да врескам. Барем да можам да извикам на цел глас, цел свет да ме слушне. Бар да можам да си го пронајдам срцето некаде во мене. Да можев да украдам уште еден бакнеж кој ми припаѓа на мене. Да знаев дека никогаш нема да те видам, ќе го украдев и оној мал момент со тебе. Да знаев дека никогаш нема да те видам, ќе те прегрнев и ќе го впиев мирисот на твојата мекост. Мирисот на прегорена цигара и турско кафе. И повторно ќе те прегрнев и ќе се чувствував најсигурна на светов. Заштитена. Чувана. Љубена. Ќе украдев уште некој бакнеж и уште еднаш ќе те држев за рака. Ќе ја држев со сила твојата рака, велејќи ти дека ми е ладно и ќе се преправав дека засекогаш ќе ми припаѓа на мене. Дека засекогаш ќе ми припаѓаш на мене. Ќе дозволев да ме покриеш со твојата јакна и ќе се обгрнев со неа. Ах, колку го обожавав тој мирис. Ми припаѓаше на мене. На мојата приказна.
На нашата приказна. Само сега, без тебе во неа…
Јаневска Марија, 2012
http://beleskitenalajlagrejs.wordpress.com
{fcomment}