Денес е… пролет. Навистина е. За мене е. Секој ден, веќе долго време без разлика дали врел песок, жолти лисја или снег се топат под моите стапала, јас чуствувам само мирис на пролет.

И понекогаш подскокнувам додека одам. Да, токму така! Како дете кое се радува разгалено од…

Виновникот за палетата од бои - Катерина Стојановска


Денес е… пролет. Навистина е. За мене е. Секој ден, веќе долго време без разлика дали врел песок, жолти лисја или снег се топат под моите стапала, јас чуствувам само мирис на пролет.

И понекогаш подскокнувам додека одам. Да, токму така! Како дете кое се радува разгалено од љубовта и шаренилото околу себе. И уживам нишкајќи со нозете додека седам на некое повисоко столче. Хм, смешно е, да 🙂 Женствено прекрстени нозе, кои сами почнуваат да се нишкаат додека две полумесечини и грст насмевки изгреваат од зад силната планина која седи до мене, која го крие најсреќното изгрејсонце и најспокојното зајдисонце во секој пролетен ден кој го живеам. Погледнувам надолу во мојата лева дланка. Види! Моите прсти се испреплетени со твоите на начин што веќе незнам кои се мои, а кои твои.

Тоа е веќе една дланка, не две. Сраснаа. Сраснаа и душите… 

И зборовите. 

И соништата. 

И желбите.

Почнавме дури и да наликуваме еден на друг. Веќе не постои место и време. Ниту луѓе и околности. Единствено е важно да сме заедно. Пекол, рај, сеедно. Се додека одам до тебе, спакована сум…

Ти си мојот дом, знаеш? Ги имаш најтоплите очи на светот. Тие ме галат, смируваат, охрабруваат, бескрајно љубат и секогаш нетрпеливо ме очекуваат. Ми даваат чувство дека се ќе биде во ред без оглед на големината на бранот кој надоаѓа. Таму сакам да останам засекогаш. И кога сите се тука и кога сите ќе си заминат…

Ти си моето чудо. Силната планина од човек која умее да се претвори во топла бура од нежности кога ќе ме здогледа. Ти го разбуди најубавото од дното на целото мое море од непознати возвишени чувства, твојата насмевка стана моја причина и цел за секое утре и ми отвори илјада нови врати кои ме водат до подобрата јас.

И верувај, би ти дала се во овој живот, без двоумење и без да прашам зошто. Се, освен едно. Мојата болка не ти ја давам. За неа секогаш ќе бидам себична.

…Ех, додека пишувам, пак посакав да те погалам по лицето… Се прашувам себе но навистина незнам дали некогаш сум ти заблагодарила за сите бои во кои ме обојуваш. Светли, разиграни, весели.

Фала ти љубов моја.
Фала ти, што мојот живот го обои во пролет.

(посветено)

Автор: Катерина Стојановска


{fcomment}

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *